Кошаркарите на МЗТ Скопје запишаа нова победа во јадранската АБА лига откако во рамките на 21 коло во СЦ Јане Сандански ја победија словенечка Крка минимално со 69-67 и ја прекинаа серијата од два порази по ред.
МЗТ Скопје лошо стартуваше, гостите ги добија првите 10 минути со 28:20, а во продолжение избраниците на Александар Јончевски негативата до крајот на полувремето ја спуштија на 4 поени, со што на полувреме Крка отиде со предност од 45:41.
Третиот дел беше израмнет, но гостите до добија и тој период со 14-13 и мечот влезе во завршните 10 минути во кои се решаваше победникот. Со тројката на Марко Луковиќ домашниот тим стигна до првото водство на натпреварот од 62:59 во 36 минута и го задржа до крајот на мечот за деветти триумф во АБА лигата.
Ѓорѓе Дреновац одигра одлична партија и со 23 поени го предводеше тимот од Јане Сандански, Марко Луковиќ даде 13, а Дамјан Стојановски 11 коша.
Во спротивниот табор прв стрелец беше Жига Димец со 20 поени.
Следниот натпревар МЗТ Скопје ќе го одигра на гостински терен во Белград, каде на први февруари ќе и гостува на Црвена Звезда.
Погледнете ги најдобрите моменти од мечот во СЦ Јане Сандански…