(ВИДЕО+ФОТО) Македонија – Велс вечерва за Кочани на полната арена Тодор Проески!

Loading

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20.45 часот на арената Тодор Проески во Скопје ќе игра против Велс во 2.коло од Ј групата во рамките на квалификациите за пласман на фудбалското СП 2026 година во САД, Мексико и во Канада.

Македонија има шест победи по ред, без примен гол и нема пораз на претходните осум официјални натпревари со биланс од 6 победи и 2 реми средби.

Велс, пак, нема пораз на седум меча во низа со 4 победи и 3 реми на 13 официјални средби.

Дуелот е дерби за врвот на табелата во групата Ј, откако двете репрезентации во првото коло забележаа победи.

Македонија нагости славеше кај Лихтенштајн со 3-0, а Велс дома со Казахстан со 3-1. Во оваа група е и селекцијата на Белгија, која ќе ги почне квалификациите во јуни, бидејќи сега настапуваше во плејофот за влез во лигата А на Лигата на нациите.

Досега во историјата Македонија и Велс се сретнале два пати, во квалификациите за СП 2014 година во Бразил.

Во септември 2013 година во Скопје, Македонија славеше со 2-1, а во гости Велс победи со 1-0.

Победниците на 12-те квалификациски групи ќе играат на СП 2026, а во плејофот за уште четири места од Европа на Мундијалот ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири од 12-те победници на групите во Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места на табелите во редовните квалификации за СП 2026.

Меѓу 12-те победници на групите во Лигата на нациите се и Македонија и Велс.

Приходот од влезниците за денешниот натпревар ќе биде дониран за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани.