Во Лигата на шампионите познати се патниците во плејоф фазата за пласман во фазата по групи. Фудбалерите на француски Монако во реваншот го совладаа турски Фенербахче со 3-1.
Монако на гостувањето во Истанбул загуби со 1-2, но на својот терен со победата од 3-1 го избори пласманот во следната фаза.
Головите за клубот од Кнежевството ги постигнаа Валере Жермен во 3 и 65, а Радамел Фалкао беше прецизен од пенал во 18 минута, додека голот за Фенербахче го постигна Еменике во 53 минута.
Швајцарските Јанг Бојс по пенал рулетот го отпишаа фаворизираниот украински Шахтар. Јанг Бојс по подоброто изведување на пеналите (4-2) го елиминираше Шахтар. Мечот по 90 минути заврши 2-0 за швајцарскиот тим, идентичен резултат со кој украинскиот славеше во првиот меч.
Двата гола ги постигна Кубо, во 54 и 60 минута. Бидејќи во продолженијата немаше голови, победникот беше решен од ударите од белата точка. Кај домашните згреши Хадерѓонај, додека кај гостите не успеаја да реализираат Ракитски и Фред.
За изненадувањето на вечерта се погрижи Хапоел Беер Шев кои го елиминираа Олимпијакос.
Откако во првиот меч во Пиреа одиграа 0-0, израелските фудбалери на својот терен славеа со доволни 1-0, со погодокот на Шир Цедек во 79 минута.
Селтик против Астана славеше со 2-1, откако првиот меч заврши без победник (1-1). Победничкиот погодок за шкотскиот великан го постигна дури во втората минута од судиското продолжение од пенал кој го реализираше Дембеле.
Идентична победа од 2-1 постигна и Ајакс во Солун против ПАОК, откако во Амстердам првиот натпревар заврши со 1-1. Холанѓаните до победата дојдоа во самата завршница со голот на Клаасен во 88 минута.
Истиот играч го постигна и првиот гол за Ајакс во 45 минута од пенал, додека водечкиот гол на мечот го постигна Атанасјадис во 4 минута.
Натаму помина и Салзбург откако во двата натпревара беше подобар од албанскиот претставник Партизани, како и варшавска Легија која дома со Тренчин одигра без голови, со што ги одбрани 1-0 од првиот меч.
Вечерва се играат реванш средбите од 3.квалификациско коло во Лига Европа.