Локомотив Кубан ја доби мајсторката со Барселона и избори фајнл-фор во Евролигата

Loading

Рускиот тим Локомотив Кубан е последен кој избори пласман на завршниот турнир во кошаркарската Евролига, кој ќе се игра од 13 до 15 мај во Берлин.

lokomotiv

Кубан во својот дебитанскиот настап во Евролигата ја доби мајсторката против Барселона со 81-67 и со 3-2 во победи во четвртфиналната серија избори место на фајнл-фор турнирот.

Решавачкиот меч во Краснодар го одбележа голем број пресврти и брилијантниот настап на Крис Синглтон, кој во последната четвртина со серија од 12 поени му го трасираше патот на завршниот турнир на својот клуб.

Локомотив одлично започна, целосно го контролираше мечот во првото полувреме, по кое стекна предност од 11 поени 50:39.

Но Барселона одговори во третата четвртина, постигна 23, а прими само 8 поени и во последниот период влезе со предност од четири поени 58:62.

Во последниот период блесна Синглтон, кој постигна 12 поени, а Локомотив стекна предност од 9 поени, која благодарение и на добрата игра во одбраната не ја испушти до крајот.

lokomotiv-kuban

Синглтон мечот го заврши со 16 поени и 12 скокови, Малком Дилејни постигна 17 поени, а Рајан Беркхов постигна 14 поени од кои 4 тројки.

Локомотив на завршниот турнир во руското полуфинале ќе игра против ЦСКА Москва, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Фенербахче и Лаборал Куча.