Агим Ибраими не го крие разочарувањето откако тимот на Марибор загуби со убедливи 6-0 на гостувањето против Челси, што е прв пораз за словенечкиот првак во Лигата на шампионите оваа натпреварувачка сезона. Македонскиот репрезентативец имаше можност барем да го ублажи поразот на својот тим при резултат 4-0, откако беше фаулиран од Матиќ во противничкиот шеснаесетник, но Ибраими не успеа од белата точка да го совлада Петр Чех на голот на „сините“.
„Очигледно е дека непишаното фудбалско правило не е за џабе, играчот над кого е направен пенал дефинитивно не треба да го изведува. Ова правило е жива вистина, што јас ја дознав на потешкиот начин. Бев многу нервозен поради резултатот, но и покради нашата игра, но истото важи и за сите останати во нашиот табор. Решив да ја превземам одговорноста, токму јас да го шутирам пеналот, но за жал промашив. Доколку некој од соиграчите побараше тој да шутира, сигурно ќе му дозволев, но бидејќи никој не се јави, јас ја превзедов одговорноста и не жалам поради тоа“ – истакна Ибраими по натпреварот во Лондон.