ПРВ ДО ВРВ и ова лето продолжува со платформата WE RUN MACEDONIA (Ја трчаме Македонија) преку серијата на трки BEACH RUN на пет локации покрај вода низ Македонија.
Се работи за пет трки на 5 километри наменети за сите кои трчаат или сакаат да трчаат ова лето на предвидените локации во проектот.
Летната лига во трчање започнува на 2 јули во Скопје, а потоа следуваат трките во Претор на 9 јули, Дојран на 16 јули, Маврово на 23 јули и завршната трка во Охрид на 30 јули.
Во трките кои се дел од серијата Beach Run 2017 може да учествуваат сите оние кои го сакаат трчањето и тоа на сите, неколку или една трка.
Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање на 5 километри за оваа година.
За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд од 1.000 евра и врвна спортска опрема за трчање.
Пријавувањето за учество во Beach Run 2017 е преку веб страната на www.prvdovrv.mk.
Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа.
Серијата Beach Run го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди. Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија.
На ланското издание на серијата трки во Скопје, Претор, Дојран, Маврово и Охрид, учествуваа 350 учесници со што летната понуда на овие дестинации доби нова спортска и рекреативна содржина наменета за туристите и локалното население.
Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на деловната заедница.