Ракометарите на Вардар утре го играат натпреварот од 12 коло во лигата на шампионите против шведскиот шампион Кристијанштад во потера за подобро место на табелата во Групата 2.
„Кристијанштад игра без притисок, така одигра и против Кјелце каде одигра реми. Тимот игра добра 6-0 одбрана, има добар голман и се одличен тим во контранападите. Ние оваа недела добро трениравме, а претходните натпревари против Рајн Некар и во СЕХА лигата добро ни дојдоа за подигање на формата“, изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес на прес-конференцијата.
Гостите можат да одиграат на високо ниво, кога не се под резултатски императив, а тоа го покажаа во минатото коло кога одиграа нерешено со фаворизираниот полски шампион.
Вардар на натпреварот со шведскиот тим нема да може да смета на услугите на Карачиќ, додека неизвесен за настап е голманот Штербик, кој има проблеми со Ахиловата тетива.
Вардар ќе биде посилен за македонските репрезентативци Стоилов и Манасков на кои им истече клупската суспензија и се враќаат во тимот.
Натпреварот Вардар-Кристијанштад се одигра утре со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.