Легендите на НБА лигата, Шекил О’Нил, Јао Минг и Ален Ајверсон се предводници на класата 2016-та и ќе станат нови жители на Куќата на славните во Спрингфилд.
Шек со тимот на Лејкерси освои 3 титули доминирајќи во рекетот, доминација која започна во Орландо, тимот кој 1992. година го драфтуваше како прв пик и која кулминираше во Лос Анџелес каде тој беше дел од четири НБА финалиња.
Потоа следуваше играњето во тандем со Двејн Вејд во Мајами и уште една титула, освоена 2006 година, а пред крајот на кариерата О’Нил играше и за Феникс, Бостон и Кливленд каде во 2011-та замина во пензија.
Во својата кариера Шек имаше просек од 23.7 поени, 10.9 скокови и 2.3 блокади, два пати беше прв стрелец, 10 пати имаше најдобар процент на реализација и беше МВП на сезоната 1999/2000.
Покрај тоа, центарот 8 пати беше дел од првата НБА петорка, три пати беше Ол стар МВП, 15 пати настапи на Ол стар средбата и три пати беше МВП на големото финале, а со тимот на САД беше светски шампион 1994-та и олимписки шампион две години подоцна.
Јао Минг е првиот странски спортист во САД кој бил избран како прв пик на драфтот. Тоа се случи во 2002 година, а го селектираше Хјустон Рокитс, а којзнае што ќе се случеше со овој тим и кариерата на Минг ако не беше серијата повреди.
Дресот на Рокитс го носеше од 2002 до 2011 година и не успеа да го однесе тимот до завршницата во плеј-офот иако самиот постигнуваше по 19 поени и 9,2 скока по натпревар.
Покрај овие тројца, членови на Куќата на славните во “класата 2016” се уште: Џери Рајнсдорф (сопственик на Чикаго Булс во периодот на најголема доминација на тимот), Шерил Свупс (една од најдобрите кошаркарки во САД во историјата) и Том Изо (долгогодишен НЦАА тренер).
Постхумно, чест им е укажана уште на: Зелмо Бити, Дерел Геретсон, Џон Меклендон и Камберленд Поси.