Поранешниот бразилски репрезентативец и напаѓач на Реал Мадрид, Манчестер Сити и Милан, Робињо ја отслужува првата од деветгодишната казна во затворот Тремембе во Бразил.

Робињо беше осуден за учество во групно силување на 23-годишна Албанка во Милано во 2013 година.
Во пресудата се наведува дека Робињо заедно со пет мажи силувал жена во дискотека. При силувањето, наводно, прво ја опијаниле девојката, а потоа ја малтретирале додека била беспомошна.
Сепак, Робињо десет години избегнуваше да ја отслужи казната. Пресудата немаше големо значење за поранешниот фудбалер кој тогаш живееше во Бразил.
Италијанското правосудство побара екстрадиција на Робињо од бразилските власти. Сепак, овој процес беше запрен на почетокот бидејќи Уставот на Бразил забранува екстрадиција на неговите граѓани.
Меѓутоа, во март минатата година бразилскиот суд пресуди дека славниот фудбалер мора да ја отслужи казната во својата земја.
Робињо е затворен во озлогласениот затвор Тремембе во внатрешноста на Сао Паоло.
Затворот се нарекува и „затвор на славните“, бидејќи во него се сместени големи криминалци и истакнати јавни личности кои се изложени на ризик во други институции поради нивното општествено влијание.
Робињо одлежува казна во ќелија од осум квадратни метри со уште еден затвореник, 22-годишник кој завршил зад решетки затоа што поттикнал некого да изврши самоубиство или самоповредување.
Според извори од затворот, тој се фокусирал на обидот да си ја намали казната преку добро однесување.
Бразилските медиуми деновиве пишуваат дека неговото однесување е примерно, а односот со другите затвореници е совршен.
Кога игра фудбал, носи фудбалски копачки кои ги позајмил од други затвореници, кои уживаат додека го гледаат како игра во дворот.
Во својот прв натпревар, на земјена подлога со редарите како публика, направи троен „велосипедски“ дриблинг.
Спортува, поправа телевизори и радија благодарение на 600-часовниот курс за електроника. Запишан е во клуб за читање, се занимава со градинарство, има завршено 10 модули од Програмата за работа и граѓанско образование и бара намалување на казната или барем полуотворен режим: на секои 12 часа работа казната му се намалува за еден ден.
Само неговите најблиски роднини, имено родителите, децата и сопругата, можат да го посетат Робињо.
Седумнаесетгодишниот син Робињо Јуниор тргна по стапките на својот татко и неодамна потпиша за Сантос, а го посетува еднаш месечно.
На поранешниот бразилски репрезентативец му е дозволено да го добива следново од роднините: храна, десерти, месо, зеленчук, безалкохолни пијалоци, вода, салати, како и некоја облека (апостолки, шорцеви, џемпери), игри како што се шах, материјали за пишување и непорнографски списанија или книги.
Робињо проговори за инцидентот во дискотеката во Милано.
“Никогаш не негирав. Беше консензуално. Можев да демантирам, бидејќи мојата ДНК ја нема. Но, јас не сум лажливец. Имавме површна и брза врска. Разменивме бакнежи, потоа отидов дома. Имаше и други луѓе таму. Кога видов дека таа сака да продолжи со други момци, отидов дома”.