На денешен ден, пред точно 50 години, најдобриот фудбалер на сите времиња го одигра својот последен натпревар – Едсон Арантес до Насименто Пеле.
Бразилецот се збогуваше пред половина век, на 18 јули 1971 година, и ја избра репрезентацијата што играше според неговиот вкус – Југославија, или како што многумина тогаш ја нарекуваа „Европски Бразил“.
Според желбата на Пеле, прошталниот натпревар во дресот на бразилската репрезентација се одигра на „Маракана“, а на натпреварот присуствуваа повеќе од 160.000 луѓе.
Дуелот меѓу актуелниот светски шампион и актуелниот европски вицешампион заврши со резултат 2:2.
Југославија играше во составот на Вукчевиќ, Рамjак (од 46. Антонијевиќ), Степановиќ, Павловиќ, Пауновиќ, Холцер, Петковиќ (од 46. Бјековиќ), Облак, Филиповиќ (од 46. Јерковиќ), Ачимовиќ, Џајиќ.
Првиот гол на мечот го постигна Драган Џајиќ во 35-та минута, Бразилците направија пресврт во интервалот од 60-та и 65-та минута преку Ривелињо и Герсон, а конечниот резултат го постави Јурица Јерковиќ на 20 минути пред крајот.
Во моментот кога Пеле ја напушти играта, а Клаудиомиро истрча на теренот наместо него, скоро 160 илјади луѓе во најголемиот фудбалски храм на светот гласно го поздравија човекот кој на Бразил му донесе три светски титули (1958, 1962, 1970).
Пеле одигра 92 натпревари за репрезентацијата на Бразил и постигна 77 погодоци.