Манчестер Јунајтед беше поразен на гостувањето кај Стоук со 2:0, па навивачите веќе јавно бараат оставка од Холанѓанецот Ван Гал.
Сепак нешто се крчка околу судбината на Ван Гал во Јунајтед, а најверојатно желбите на фановите на „црвените ѓаволи“ ќе се остварат, откако на денешниот тренинг Ван Гал воопшто не се појавил.
Помошникот Рајан Гигс ја имал улогата на прв тренер, а оваа информација ја пренесуваат сите англиски медиуми и пред се фан страните на тимот од Јунајтед на Твитер.
Статистиката покажува дека ваква негативна серија Јунајтед нема доживеано дури 54 години, а поразот од Стоук е четврти во серија (претходно загуби од Волфзбург, Бурнмаут и Норвич) во сите натпреварувања, нешто што Манчестер не дозволил да му се случи во една сезона од 1961 година.
Ваква серија имало и во периодот мај-август 2001 година, но поразите биле разделени во две различни сезони.
Покрај ова, навивачите се загрижени и поради слабата реализација, односно просекот од 1,22 гола по натпревар, со што Јунајтед е блиску до најлошиот ефект на клубот кој датира од сезоната 1989-90 во која екипата имала просек од 1,21 гол по натпревар.
Манчестер Јунајтед утре го игра дерби дуелот со Челзи на „Олд Трафорд“, па најверојатно по овој дуел се очекува и да биде назначен наследникот на Ван Гал, за кого сѐ уште не е познато дали ќе биде на клупата на утрешниот натпревар.