Фудбалската Федерација на Македонија од денеска има нов лидер во името на Масар Омерагиќ кој едногласно без глас против стана нов претседател.
Омерагиќ ќе го замени Сејдини кој пет години беше на чело на ФФМ. Новиот претседател беше единствениот кандидат. По завршувањето на настапот на репрезентацијата во Лигата на нации Сејдини си поднесе оставка, која на собранието беше едногласно прифатена.
Новиот претседател на функцијата стапува веднаш, а како први кадровски решенија ги промовираше поранешните легенди на македонскиот фудбал.
Горан Пандев ќе биде спортски директор на сите национални селекции, Илија Најдоски и Агим Ибраими ќе имаат ангажман како советници на претседателот, а Марјан Стојкоски ќе ја врши функцијата на потпретседател на Федерацијата.
Дрилог Ганиу е именуван за вд генерален секретар, а новото собрание би требало да се одржи на 26-ти април кога општинските сојузи треба да одредат нови делегати и Собранието да влезе во нов четиригодишен циклус.
Омерагиќ рече дека ВАР системот итно мора да се инсталира на стадионите низ државата, бидејќи е свесен за предизвиците кои претстојат, за тешката и напорна работа, но рече дека со работа се се постигнува.
Селекторот Милевски останува да биде на чело на репрезентацијата поради постигнатите резултати во натпреварите од Лигата на нации.
Сепак, тој потенцираше дека треба да се тргне настрана огорченоста и да се повикаат фудбалери кои заслужуваат да бидат повикани во репрезентацијата, пред се во имињата на Аријан Адеми и Стефан Ристовски.