Новиот фудбалер на Барселона, Полјакот Роберт Левандовски се уште не е пријавен за каталонскиот клуб, тврди германски „Билд“.
Германските медиуми потсетуваат дека Ла Лига има строги правила за регистрација на играчи. Шпанските клубови не смеат неконтролирано да купуваат нови фудбалери.
„Билд“ тврди дека Барселона не ги ни пријавила Рафиња, Кеси и Кристенсен, а новите фудбалери во моментов можат да играат за каталонскиот клуб само на пријателски натпревари.
Барселона мора да продаде неколку играчи за да го реши проблемот со финансиите и платите на играчите, а каталонскиот клуб планира да се откаже од Френки де Јонг и Мемфис Депај.
„Билд“ истакнува дека Барселона има долг од повеќе од една милијарда евра, а минатата сезона им ги намали платите на играчите од 347 на 97 милиони евра.
За да ја подобрат финансиската состојба, челниците на каталонскиот клуб продадоа дополнителни 15% од ТВ правата на инвестициската компанија „Six Street“.
Во следните 25 години оваа компанија ќе има права да пренесува одреден број натпревари на Барселона, која според договорот ќе ги добие сите пари веднаш, а се претпоставува дека се работи за сума од 550 милиони евра.
Сепак, Барселона не може да ги искористи сите тие пари за да регистрира нови играчи, бидејќи прво мора да ги подмири долговите од минатата сезона.
Германските медиуми истакнуваат дека тимот од Ноу Камп минатата сезона ја преминала границата на платите за цели 144 милиони евра.
Новата сезона во Ла Лига започнува на 12 август, а Барселона во првото коло ќе игра со Рајо Ваљекано.