Вечерва на стадионот „Винсенте Калдерон’’ во Мадрид, ќе се игра првиот полуфинален натпревар меѓу Атлетико и минхенски Баерн Минхен во Лигата на шампионите.
За фудбалерите на Атлетико ова ќе биде петто полуфинале во елитното натпреварување. Во последниот настап во оваа рунда пред две сезони го минаа англискиот Челзи, а беа и на прагот на освојување на Лигата на шампионите, но ја загубија титулата по продолженијата од градскиот ривал Реал.
Покрај одличниот шпански тим кој ќе ја има и безрезервната поддршка од трибините, Баерн ќе треба да се бори и против традицијата.
Трета година во низа Баерн во полуфиналето игра против шпанска екипа. Изминатите две сезони, во двата наврати Баварците беа елиминирани од Реал и Барселона, тимови против кои германскиот шампион првите полуфинални пресметки, како и оваа, ги играше на гостински терен во Шпанија.
Средбата ќе започне во стандардниот термин од 20 часот и 45 минути.