Фудбалерите на Манчестер Јунајтед загубија од Бурнмаут на домашен терен со 0-3 и одново ги разочаа фановите на ,,Црвените Ѓаволи,,.
Резултатот е само продолжение на кошмарната сезона на славниот тим и најдобар показател дека новиот менаџер Рубен Аморим го чека сето она што го доживеале неговите претходници – страдално патување.
Победата во дербито над никогаш полошиот Сити беше очигледно само лажна претстава за подобрата форма на Јунајтед. Пристигна мечот со Бурнмаут, при што по којзнае кој пат испливаа на површина сите аномалии на Јунајтед.
Ова беше четврти пораз на Манчестер под команда на португалскиот тренер!
Секако, очајната игра на Јунајтед не може да го поништи впечатокот за спектакуларната игра и победата на гостите, за што придонесоа головите на Дин Хујсен во 29. минута, Џастин Клајверт од пенал во 61. и Антоан Семењо во 63. за нокаут на домашната екипа.
Една од најважните и најголемите победи на Бурнмаут во историјата на клубот е всушност повторување на резултатот од претходната сезона, пред речиси точно една година, кога гостинскиот тим на истото место го победи Јунајтед со идентичен резултат.
За волја на вистината, гледајќи ја формата на двата тима и позицијата на табелата, ова беше очекуван епилог – Бурнмаут сега се искачи на петтото место додека Јунајтед продолжи да тоне на 13-тото место.