Долдерер победи во јубилејната трка, вистински трилер во Будимпешта!

Loading

Во јубилејната трка од светската серија Red Bull Air Race, германскиот пилот Матијас Долдерер успеа да ја зголеми предноста во генералниот пласман победувајќи во турбулентната трка која беше скусена поради неповолните временски услови.

долдерер

Иако скусено, возбудата не изостана од натпреварувањето во Будимпешта. Германецот Матијас Долдерер го постави најдоброто време во полуфиналната рунда на осумте најдобри пилоти додека силните ветришта беа оценети од пилотите како најтурбулентни во нивните сеќавања.

Најпрво дел од натпреварот беше одложен за подоцна, а потоа немаше доволно време за целата натпреварувачка програма, па финалната серија за четворицата најдобри беше откажана.

Поради тоа резултатите беа дефинирани врз основа на настапот на осумте најдобри, па времето на Долдерер од 58.653 му ја донесе победата, додека Австриецот Ханс Арх со задоцнување од три десетинки беше втор, а Австралијанецот Мат Хол е трети со дополнителни три десетинки побавно време.

будимпешта1

Дождот не можеше да го потопи бодрењето на 20-илјадната публика која беше наредена на двата брега на Дунав, но исто така им мафташе на пилотите од сликовитите балкони при одбележувањето на јубилејната седумдесетта трка на Red Bull Air Race.

Влошените временски услови ги откажаа саботните квалификации, па пилотите имаа лимитирано време за стекнување искуство на една од најтехнички патеки, што им даде мала предност на поискусните пилоти.

Согласно правилата, кога резултатите се базирани на полуфиналната рунда со 8 најдобри пилоти, се доделуваат 75% од предвидените бодови.

Ова е втора победа на Долдерер, чија кариера започна во 2009 година, со што ја зголеми предноста во генералниот пласман. Тој сега има 41,25 бодови, или 15,25 повеќе од Ханс Арх кој освен второто место во трката, исто така е зад Долдерер на табелата по четири трки.

Австриецот не освои поени во првата трка оваа година, но на средина од сезоната стигна до салдо од 26 бода. Американецот Кирби Чемблис, кој беше меѓу четирите најдобри пилоти што обезбедија пласман во финалето во Будимпешта, сега е трет во генералниот пласман со 25,25 бода.

будимпешта

Германскиот пилот ја доби и наградата на ДХЛ за најбрзо извозен круг во целиот натпревар, новитет кој што е воспоставен од оваа сезона и ќе претставува нов стандард за брзина во Red Bull Air Race.

Оваа сезона таа почест им припаѓа на различни пилоти, при што освен Долдерер ја имаат освоено и Мартин Шонка, Ханс Арх и Мат Хол, кои немаат победа во 2016 година.

Резултати: 1. Матијас Долдерер (Германија), 2. Ханс Арх (Австрија), 3. Мат Хол (Австралија), 4. Кирби Чемблис (САД), 5. Јошихиде Муроја (Јапонија), 6. Најџел Лемб (Велика Британија), 7. Николас Иваноф (Франција), 8. Хуан Веларде (Шпанија)

Табела: 1. Матијас Долдерер (Германија) 41,25 поени, 2. Ханс Арх (Австрија) 26 поени, 3. Кирби Чемблис (САД) 25,25 поени, 4. Јошихиде Муроја (Јапонија) 22,50 поени, 5. Николас Иваноф (Франција) 22 поени, 6. Најџел Лемб (Велика Британија) 19,75 поени, 7. Мат Хол (Австралија) 18,75 поени, 8. Мартин Шонка (Чешка) 14 поени.